Iskren Hristijanin

Само љубовта може христијанинот да го одржи непоколеблив

Постои мноштво такви кои тврдат дека Му служат на Бога, иако практично воопшто не Го познаваат. Тие сакаат да ја исполнуваат Неговата волја, но таа нивна желба произлегува од нивните сопствени склоности, а не од длабокото сведоштво како резултат на силата на Светиот Дух. Нивното однесување не е сообразено со Божјиот закон. Тие тврдат дека го прифаќаат Христа како свој Спасител, но не веруваат
дека Тој ќе им даде сила да ги совладаат своите гревови. Не воспоставиле личен однос со живиот Спасител, и нивниот карактер покажува недостатоци – и наследени и стекнати.

Едно е површно да се прифати дејствувањето на Светиот Дух, а сосем друго Светиот Дух да се прифати како Оној кој укорува и повикува на покајание. Мнозина чувствуваат дека се оддалечиле од Бога, сфаќаат дека ѝ робуваат на себичноста и на гревот; вложуваат напори да се поправат, но не се распнуваат себеси. Тие не се предаваат исцело во Христовите раце, ниту бараат божествена сила да ја исполнуваат Неговата волја. Не се подготвени да се преобликуваат според Божјиот пример. На некој воопштен начин ги признаваат своите недостатоци, но не ги отфрлаат своите познати гревови. И со секое грешно дело, нивната стара себична природа станува сѐ посилна.

Единствена надеж за овие души е да признаат дека и на нив со право се однесуваат Христовите зборови упатени на Никодима: “Не чуди се што ти реков: треба да се родите озгора!” “Вистина, вистина ти велам, ако некој не се роди озгора, тој не може да го види Божјето царство!” (Јован 3:7.3).

Вистинската светост подразбира целосна преданост во службата на Бога. Тоа е услов за вистинско христијанско живеење. Христос бара неограничено посветување, лична служба. Тој го бара срцето, умот, душата, силата. Не смее да се негува себичност. Оној што живее за себе, не е христијанин.

Љубовта мора да биде начело на нашето дејствување. Таа е темелно начело на Божјето владеење на небото и на земјата, а мора да стане темел и на христијанскиот карактер.

Само љубовта може христијанинот да го одржи непоколеблив. Единствено таа може да го оспособи да им се противстави на неволјите и искушенијата.

– (Извадок од книгата „Христовите параболи“ од Е.Г. Вајт)

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *