Ослабнете со здрава диета без јо-јо ефект!

Кои навики треба да ги промените за полесно да ја контролирате вашата телесна маса? (3 дел)

Во претходните два дела од овој текст, ви објаснивме зошто не треба да го прескокнувате појадокот и зошто не треба да консумирате процесирана храна и храна со голем процент на „празни калории“. Во третиот дел ќе се обидеме да објасниме што се случува кога вие сте постојано на „диета“, и на кој начин тоа може негативно да влијае на вашите обиди за справување со прекумерната телесна маса.

Доколку и вие редовно сте на „диета“ тогаш внимателно прочитајте што имаме да ви кажеме. Кај нас зборот диета луѓето вообичаено го употребуваат за да означат одреден начин на исхрана кој е наменет за редукција на телесната маса. Всушност зборот диета е поим со пошироко значење, но во овој текст ќе го употребуваме за да ги означиме начините на исхрана кои не се сосема научно оправдани, а кои се наменети само за редукција на телесната маса притоа занемарувајќи го здравјето на човекот.

Најголем проблем со овие диети е тоа што тие вообичаено не ве учат како без последици да ја намалите телесната маса и како да се храните правилно. Затоа ако причината за прекумерната телесна маса се вашите лоши прехранбени навики, откако ќе ја постигнете посакуваната телесна маса вие се враќате на стариот начин на исхрана и велите дека диетата има јојо-ефект, т.е. дека по некое време сте си ги вратиле сите килограми. Но фактот е дека не си ги враќате килограмите туку си ги враќате старите навики кои всушност биле и причина за појава на вишокот килограми. Јојо ефектот делува многу обесхрабрувачки на лицата кои ја применувале диетата и сугерира дека не сте успеале и дека никогаш нема да успеете,  и дека едноставно никогаш нема да можете да го решите проблемот со вишокот килограми, што секако е апсолутно неточно.

Освен јојо ефектот, друг проблем со овие диети е тоа што ако постојано правите промени во исхраната од типот на: кога не сте на диета јадете прекумерно, а кога сте на диета правите голема рестрикција на калории (а со тоа и на останатите нутриенти), тогаш тоа може да доведе до помалку намалени килограми со секоја наредна диета. Причината за тоа може да биде забавување на вашиот метаболизам поради големата рестрикција на калории, и ова забавување е се поефикасно во секоја наредна диета.

Кога вие јадете прекумерно нормално е вашиот организам да троши одредено количество потребна енергија, а останатото да го складира, а кога гладувате нормално е да се трошат овие резерви.  Проблемот со помал успех со следната диета се јавува бидејќи вашиот организам е веќе искусен и знае што следува па се вклучува начин на работа-штедење и телото се труди да потроши минимално количество на енергија за да може да го помине периодот на гладување. Затоа многу често во пракса се сретнуваме со лица кои постигнале одлични ефекти со првата диета, а секој нареден пат ефектот избледнувал.

Уште една негативна страна на овие диети (кои не се индивидуални и препишани од стручно лице) е тоа што најчесто нивната цел е едноставно намалување на телесната маса, додека за здравјето на „диеталецот“ не ни станува збор. Многу често овие диети не обезбедуваат адекватен внес на сите потребни нутриенти и понекогаш ова може да резултира со нарушено здравје. Додека поминувате низ фаза на слабеење вам ви требаат дури и поголеми количини од некои корисни нутриенти како што се антиоксидантите, за да ги неутрализираат штетните продукти од процесите на согорување на мастите.

Затоа најдолгиот и најправилниот пат за постигнување на нормална телесна маса е да ги промените навиките во исхраната и во животниот стил кои се причина за појава на вишок килограми, и тоа да ви стане начин на живот, а не само 3 месечна диета после која за кратко време ќе си ги вратите килограмите. А можеби ќе добиете и уште некој дополнителен килограм и со сето тоа заедно оди и исфрустрираноста од постигнатиот неуспех кој ве наведува уште повеќе да им се вратите на старите навики, и така веќе сте влегле во затворениот круг кој не ви дозволува успешно да го решите проблемот со вишокот килограми.

 

Одговара: Нутриционист Маја Велковска

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *