Не е важно колку јадете туку и што јадете!

Кои навики треба да ги промените за полесно да ја контролирате вашата телесна маса? (2 дел)

Во второто продолжение од овој текст повторно ќе зборуваме за навики во исхраната кои можеби ви се основна пречка на патот кон достигнување и одржување на идеална телесна маса.  И минатиот пат кажавме дека најчестиот виновник за прекумерната телесна маса се токму лошата исхрана и лошите навики во исхраната, па овој пат слушнете нешто за тоа како грешите со  таканаречените празни калории, и со процесираната храна воопшто.

  1. Редовно консумирате високопроцесирана храна и храна со „празни калории“! Непроцесирана храна е храната што ја наоѓате на пазарите, т.е. овошјето, зеленчукот, јатките, мешунките, семките, односно се она што доаѓа до вас во најприродна форма, а процесирана храна е храната кој минува низ многу процеси на подготовка и обработка пред да стигне на вашата трпеза. Негативното кај оваа храна е тоа што- ако е термички обработена, значи веќе нема активни ензими во неа, исто така и количината на витамини најверојатно е намалена, а и дел од природно присутните состојки најверојатно се изменети и нивната количина е намалена, и ( сега следува можеби најлошото), скоро секогаш во оваа храна се додаваат разни прехранбени адитиви кои спаѓаат во повеќе категории (конзерванси, емулгатори, бои и ароми…). Сигурно многу често гледате ознаки од типот „без конзерванси“, и време е да ви кажам дека тоа не значи дека во тој производ нема адитиви, туку тоа едноставно значи дека во тој производ нема адитив од категоријата конзерванси, затоа не дозволувајте да бидете измамени со ваквите ознаки. Овие адитиви во најголем дел се штетни по здравјето, и може да го нарушат вашиот метаболизам, па затоа треба колку што е можно да ги избегнувате. Друга негативност е што, делумно или целосно-хидрогенизираната маст (трансмасти) е скоро секогаш дел од составот на процесираните производи. Овие масти не се метаболизираат во нашиот организам, и не се препознаени од страна на нашето тело, па постои голема веројатност организмот да ги складира во масното ткиво или во други депоа, бидејќи не знае што да прави со нив. Значи не е секогаш важно колку калории јадете туку што јадете, односно ако изедете една банана од 100калории, тоа не е исто со консумирање на слатка од 100калории, преполна со адитиви и трансмасти. Посликовито кажано: нутриентите од бананата би ги препознале и лесно би ги согориле и искористиле, а нутриентите (ако може така да се наречат) од слатката не би ги препознале, би останале без енергија, а со плус некој грам „сало“ – во кое се складирале неметаболизираните „нутриенти“ од слатката.

Празни калории пак означуваат калории кои ви даваат само енергија, а имаат малку или воопшто немаат други нутриенти (витамини, минерали, ензими, разни останати фитонутриенти). Негативната страна кај ова е тоа што за вашиот метаболизам да функционира оптимално вам ви се потребни витамини и минерали, бидејќи тие овозможуваат правилно искористување и согорување на калориите. Ако консумирате многу празни калории, значи дека немате доволно од овие нутриенти, и тоа може да е причина што вашиот организам не ја искористува енергијата правилно, и што на крај кај вас се појавува дополнително масно ткиво. Можеме да кажеме уште многу нешта за процесираната храна и нејзините негативности, ама за почеток е доста да ги разберете и само гореспоменатите работи, и да сфатите дека не е важно само колку јадете туку и што јадете!

Одговара: Нутриционист Маја Велковска

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *