Единствениот начин да бараме праведност е да Го бараме Исуса

Си бил еден човек кој сакал да стане пекар. Отсекогаш сакал свежо испечен леб, и помислил дека би било вистинско уживање да пече леб за другите. Затоа прошетал низ градот за да најде најдобра локација за новиот бизнис. Добил една парцела на ќошот, го ангажирал градскиот изведувач и набрзо неговата пекара била подготвена за отварање, со блескави мијалници и садови од не’рѓосувачки челик во позадина и блескави стаклени сталажи за изложување на неговите производи.

Но работите не оделе баш најдобро за него. Работел со часови. Огласувал на сите можни начини на коишто можел да ги смисли. Се обидувал да даде сѐ од себе за работата да тргне. Сепак, изгледало  дека не можел да го направи оној вид на леб кој го имал пробано во минатото. Кога купувачите би дошле да ја видат неговата пекарница, ретко би купиле некој од неговите производи. И никогаш не доаѓале повторно.

На крајот, по многу години на мачна борба, морал да признае дека не успеал. Бил на работ на банкрот. Се обидел со сѐ што знаел за својата пекара да ја направи успешна, но ништо не функционирало.

И токму кога се подготвувал целосно да се откаже, слушнал нешто што направило вистинска револуција во целата негова работа. Дознал дека, за да направи леб, му било потребно брашно! Никогаш претходно не го пробал тоа, но некако му звучело добро. И кога почнал да го употребува брашното, сѐ тоа било целосно поинаку.

Дали погодивте дека станува збор за парабола? Тешко можеме да поверуваме дека било кој би можел навистина да ја пропушти едноставната, основна вистина дека за правење леб е неопходно брашно. Сфаќаме дека би било трагично да се обидеме да водиме пекара без тоа. 

Без оглед на тоа со која работа се занимавате, морате да разберете одредени основни барања, доколку воопшто се надевате на успех. Не можете да одржувате банка без пари. Не можете да добиете волна ако немате овци.

Но, што е со живеењето на христијанскиот живот? Колкумина од нас со години ги занемаруваат основите? Бараме праведност, не знаејќи како да ја стекнеме? И не е ништо друго освен фрустрирачки да се обидеме да бидеме христијанин без да разбереме како да го постигнеме тоа.

Новинарите имаат одредени главни прашања што ги поставуваат за да се спуштат во основите на една вест. Овие прашања можат да бидат пренесени во христијанскиот живот. Првото гласи: Што? Понекогаш е најлесно да се зборува за тоа: Што е христијанскиот живот. Некои од нас пораснале со тоа „Што?“ Што да се прави, а што да не се прави за да бидеме христијани и за да се спасиме. Добивавме доста таква, тешко сварлива храна. Тоа водело до дискусии на часовите на проучување на Светото писмо (Библијата) и во текот на молитвените седмици, прашувајќи што не е во ред со ова, и што има лошо во она?

Дали е погрешно да се зборува за „Што“? – Не, Библијата содржи многу информации за тоа: „Што?“ Меѓутоа, „Што?“, никогаш не може да биде основа на христијанството.

Потоа, овде е прашањето: „Зошто?“ Тоа е префинето, интелектуално прашање. Се поставува кога нешто анализирате, детално испитувате и за тоа дискутирате. Зошто може да биде значајно. Бог вели: „И сега дојдете заедно да пресудиме“. (Исаија 1:18; Библија) Не е погрешно да се размислува. Ние сме родени според Божјиот лик, со можност да размислуваме и разгледуваме. Но, пашањето „Зошто?“ не е доволно.

Друго прашање на кое имаме потрошено доста време во историјата на нашата црква е прашањето: „Кога?“ „Кога ќе се случи сето тоа?“ И така, имаме табели на ѕидот кои го објаснуваат тоа: „Кога?“ Можеби некои се толку заинтересирани за прашањето: „Кога?“, затоа што се надеваат да го фатат последниот воз. Други пак се загрижени дека тоа „Кога?“ ќе ги затекне пред да сфатат како да го остварат она „Што?“

Ако сте пораснале со прашањата: „Што?“ и „Зошто?“ и „Кога?“, следното логично прашање гласи: „Како?“ Тоа е практично прашање и може да ве доведе до теоријата за оправдание со вера. Ако не го сфатите тоа „Како?“, останатото само ќе ви создава фрустрации. Меѓутоа, дури и да знаете „како“, тоа не е доволно, затоа што оправданието со вера е повеќе од теорија. Тоа е искуство. И тоа „Како?“ станува највозбудливото прашање кога ќе сфатите дека одговорот на прашањето „Како?“ е всушност „Кој?“!

Исус е основа на христијанството. Точно е дека Библијата зборува за барање праведност. Софонија 2:3 тоа го кажува со толку зборови: „Барајте праведност“. И некои од нас помислија дека начинот да се бара Исус е да бараме праведност. Но го  пропуштивме „Како?“. Бидејќи Праведноста = Исус, да се бара праведност значи да се бара Исус. „Божјата праведност е отелотворена во Христа. Ние ја примаме праведноста примајќи го Него.“

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *