Која е вашата дефиниција за христијанин?

Христијанинот го прави она што е исправно затоа што е христијанин, никогаш со цел тоа да стане.

Ова се случи во текот на првите неколку недели во една црква во која бев поставен за пастор. Во оваа црква, мојата цел беше да го посетам секое семејство и на тој начин да почнам да ги запознавам. Но, лесно е да се запре само на еден тривијален разговор.

Така ми дојде една идеја да поставувам едно исто прашање во секој дом. „Која е вашата дефиниција за христијанин?“ И внимателно го забележував сечиј одговор.

 „Христијанин е оној кој живее според златното правило.“

 „Христијанинот е искрен.“

 „Христијанин е некој што е љубезен и полн со љубов.“

 „Христијанинот е добар сосед.“

Слушнав многу различни одговори, но со ист заеднички именител.  Секој одговор се однесуваше на однесувањето. Христовото име беше очигледно отсутно.

Може да прочитате извештаи од новинари кои интервјуираат луѓе на улица, поставувајќи слични прашања. Моделот на одговорите е ист.  

 „Христијанинот го прави тоа и тоа. Христијанинот не го прави тоа и тоа.“ Колку често го слушате одговорот: „Христијанин е оној што го познава и го сака Христа?“

Што е христијанството? Дали тоа е засновано првенствено врз однесувањето? Или е засновано првенствено на врска? Овде е најважната линија за разбирање и доживување на спасението со вера во Христа. Христијанството е последица на познавање на Христа. А однесувањето по кое христијанинот се разликува од не-христијанинот, следува како резултат на врската со Исус преку вера – однесувањето никогаш не е причината.

Да ја парафразираме само малку оваа теза. Дрвото јаболкница дава јаболка затоа што е дрво јаболкница, никогаш не го прави тоа со цел да стане јаболкница. Исус ја дал истата споредба: „Така, секое добро дрво раѓа добри плодови, а лошото дрво раѓа лоши плодови. Не може добро дрво да дава лоши плодови, нити лошо дрво да дава добри плодови.“ (Матеј 7:17.18; Библија)

Ако сте заинтересирани за добар плод, почетното место е добро дрво. Тогаш, вашата работа е да го навадите дрвото, можеби да го наѓубрите и да дозволите сонцето, дождот и ветрот да ја завршат својата работа. Нема потреба од мачно настојување за да се произведе плод. Тој ќе си дојде сам по себе, како последица на тоа што имате здраво дрво.

Токму така е и во христијанскиот живот. Оној што се обидува да  живее христијански живот работејќи на своето однесување, се наоѓа на слепа улица. Во  една книга е запишано следново: „Преку обновување на срцето Божјата благодат делува на преобразување на животот. Ниту една надворешна промена не е доволна за да нè доведе во хармонија со Бог. Многумина се обидуваат да се реформираат со исправање на оваа или онаа лоша навика, и се надеваат дека на тој начин ќе станат христијани, но тие започнуваат на погрешно место. Нашата прва работа е со срцето.“

Без оглед колку и да е исправен вашиот живот, без оглед колку добри дела извршувате, без разлика колку религиозно изгледате, вие не сте вистински христијанин сè додека не го познавате лично Исус Христос, еден на еден. Правејќи го она што е исправно никогаш нема да ве направи христијанин, тоа ќе ве направи само морални.

Раната црква толку се сосредоточувала на Господа Исуса Христа што Тој бил предметот на нивното размислување и нивниот разговор. „Христос го направи ова, Христос го рече тоа.“ На крај некој предложил: „Ајде да ги наречеме Христијани.“
Како би гласело вашето име кога би ве нарекле според она за што најчесто зборувате и мислите? Дали сте добра личност? Или, дали навистина сте Христијанин? Размислете за тоа!