Хормонот на глад – грелин

Хормонот на глад – грелин

Дебелината се шири со неверојатна брзина во развиените земји, и се повеќе е тема на дискусија во научните редови. Причините за многуте истражувања на причините на дебелината и начинот на кој функционира организмот на едно угоено лице, се тоа што дебелината е ризик фактор за многу хронични болести, и на многу начини може да го загрози здравјето на индивидуата со зголемена телесна маса.

Важно е да се каже дека најголемиот процент на случаи на дебелина се резултат на неправилна исхрана и недостаток на физичка активност- но сепак постојат случаи каде дебелината е резултат на други причини.

Потрошувачката и складирањето на енергија како и испраќањетo и примањето на сигналите за ситост и глад се комплексни процеси- во чија регулација се вклучени и одредени хормони- па така понекогаш причината за дебелина може да е резултат на хормонален дефицит/суфицит или одредена друга нефункционалност (дури и генетски дефект) во некои од процесите вклучени во регулацијата на телесната маса. Поради тоа што дебелината се шири со епидемиолошки размери се повеќе се истражуваат и испитуваат и генетските синдроми на дебелина, и сите процеси кои се вклучени во регулација на телесната маса. Овој пат малку ќе објасниме за откритијата поврзани со еден хормон- грелин, вклучен во регулација на телесната маса преку тоа што ги регулира сигналите за ситост/глад.

Хормонот ГРЕЛИН се лачи од страна на специјализирани ендокрини клетки во гастричната мукоза- и тој е уште наречен -хормон на глад бидејќи вообичаено се лачи при постење- невнесување на храна- и всушност поттикнува внес на храна. Интересно е тоа што системски дадениот грелин драстично го зголемува внесот на храна кога се дава во физиолошки дози кај луѓе, но кај дебелите луѓе концентрациите на циркулирачки грелин се помали отколку кај слабите- и ова всушност би можело да значи дека грелинот не го поттикнува прекумерното внесување на храна кај веќе дебелите луѓе. Но друг интересен факт е што кога кај прекумерно угоени пациенти ќе се изврши интервенција-гастричен бајпас- доаѓа до драстично намалување на нивоата на грелин – паралелено со намален внес на храна и намалување на телесната маса. Значи овој хормон може да има одредена улога во процесот на дебелеење (покрај сите други функции што ги врши во човечкото тело), но целосниот механизам не е до детали разјаснет.

 

Заклучокот е дека иако најголемиот дел од случаите на дебелина се решаваат многу брзо и едноставно, сепак постои мал број на случаи кои се доста комплексни и за чие решавање е потребен поголем тим од соодветни специјалисти, а секако потребно е и уште многу истражување на сите процеси, хормони и други учесници вклучени во регулацијата на телесната маса.

Автор: Нутриционист Маја Велковска

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *