Што е тоа метаболизам и како да го забрзаме?

Можеби не знаеме што точно се подразбира под поимот метаболизам, но сигурна сум дека многу често слушате како некој се жали дека има многу бавен метаболизам и тоа е главниот проблем за неговата прекумерна телесна маса, а некој вели дека метаболизмот му е многу брз и затоа може да јаде колку сака и што сака без притоа да се здебели. Сепак треба да се нагласи дека бавниот метаболизам не е главниот причинител на дебелина, туку тоа се физичката неактивност и лошите навики во исхраната.

Што е тоа метаболизам, и што влијае на неговата брзина?

Прво да кажеме дека има повеќе фактори кои влијаат на брзината на метаболизмот: хормонскиот статус, возраста, полот, активноста на симпатичкиот и парасимпатичкиот нервен систем , телесната температура, некои хронични или акутни состојби и др. Второ, да објасниме што точно е тоа метаболизам. Метаболизам е термин кој се користи за да се опишат сите хемиски реакции кои се случуваат во нашето тело, а имаат за цел да ги одржат нашите клетки во живот. Така во нашето тело се метаболизираат: јаглехидрати, масти, протеини, минерали и витамини, и метаболитичките патишта за секое соединение се различни.

 

Брзиот метаболизам всушност би значел дека вие трошите повеќе енергија за разлика од лице со побавен метаболизам, и затоа  оние кои имаат побавен метаболизам може да се соочат со проблеми во одржување на телесната маса (но како што кажавме тоа не е главниот причинител на дебелина). Но и за овој проблем постојат решенија, а за некои од нив прочитајте во продолжение.

Како можете да си го забрзате вашиот метаболизам

  1. Вежбајте. Физичката активност е многу здрав и докажан начин за забрзување на согорувањето на калориите.
  2. Внесувајте повеќе омега-3 масни киселини. Овие масни киселини помагаат во баланс на нивото на шеќер во крвта и помагаат во намалување на воспаленијата. Тие исто така може да ја намалат резистентноста на хормонот лептин-што е поврзано со брзината на согорување на калориите. Јадете лен, ореви, маслиново масло, риба.
  3. Изградете повеќе мускулно ткиво. Освен што мускулите имаат поголема маса од масното ткиво, тие исто така трошат и повеќе енергија, па ако со вежбање изградите повеќе мускулно ткиво тогаш вашата основна потрошувачка на енергија ќе се зголеми.
  4. Немојте да правите голема редукција на калориите. Кога внесувате многу малку калории, тогаш вашиот организам влегува во состојба на гладување и почнува да работи со многу мала потрошувачка, т.е. штеди енергија за “црните денови“ што доаѓаат, т.е. за поголемото гладување кое што следи. Така всушност вие уште толку го забавувате метаболизмот. Затоа подобро е да вежбате и да имате нормален внес на калории, отколку да седите и да гладувате.
  5. Задолжително појадувајте, појадокот треба да е богат со овошје, семки, јатки, а може да вклучите и некоја житарка. Појадокот ви овозможува уште наутро да почнете да согорувате калории.
  6. Јадете 3-5 помали оброци, наместо 2 големи оброци.
  7. Исфрлете ги од употреба транс мастите, тие ви ја намалуваат способноста за согорување на масти.
  8. Јадете многу сурова храна, овошјето и зеленчукот нека бидат основа на секој ваш оброк.
  9. Пијте доволно вода, за вашиот организам полесно да може да ги исфрли токсичните нуспродукти на метаболизмот.

Одговара: Нутриционист Маја Велковска

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *