Samo Isus

Само Исус може да нè води од гревот во праведност

Кој живее живот одвоено од Бога, живее во грев.

Ако вистинскиот проблем, кога е во прашање гревот, лежи во областа на односите, наместо во однесувањето, тогаш секој што живее живот одвоен од Бога живее во грев. Всушност, грев се дури и „добрите“ дела што се направени одвоено од односот на вера со Бога. „Сè што не е од вера, грев е“, Римјаните 14:23, Библија. И кога Исус го опишува делото на Светиот Дух, дека ќе нѐ увери за гревот, Тој вели: „За грев – зашто не веруваат во Мене“, Јован 16:9; Библија. За да ја разбереме оваа вистина, да го разгледаме примерот со вдовицата и нејзиниот тревник.

Да претпоставиме дека една вдовица живее од другата страна на мојата куќа, и секоја недела попладне јас ја косам нејзината трева. Дали е тоа добро или лошо дело? Па, тоа е веројатно добро дело што се однесува до мојата сосетка. Но, што е со моето срце? Оваа теза сака да истакне дека дури и косењето на тревникот на вдовицата би било грев ако живеам одвоено од Бога.

И еден атеист може да одлучи да го коси тревникот на соседот. Дали тоа би го направило христијанин? Некој кој е едноставно добар член на црквата, кој не би ниту помислил да направи нешто лошо, но кој нема време за лична молитва, проучување и заедница со Бога, од ден на ден, би можел да го коси тревникот на вдовицата. Но, ако делото е направено одвоено од животно важниот однос со Бога, срцето на тој човек не е во ред, па така делото, што се однесува за него, станува грешно.

На пример, би можел да го косам тревникот на вдовицата затоа што сакам соседите да мислат дека сум добра личност. Можеби го косам нејзиниот тревник затоа што се обидувам да се искупам за некој грев во моето минато. Можеби го косам тревникот на вдовицата затоа што имам слушнато дека има доста заштедено, па се надевам дека ќе ме спомне во својот тестамент. Ако сум одвоен од Бога, моите мотиви ќе бидат себични, а секое дело што ќе го направам, добро или лошо, од надвор гледано, ќе биде грешно.

Можно е под најпријатниот надворешен изглед да се крие најлошиот вид на грев. Со векови, целиот универзум е зачуден што често најслабите и најколебните доаѓаат најблиску до Бога, додека најсилните и оние со најдобро однесување целосно Го отфрлаат.

Кога станува збор за учениците, се покажало дека оној за кого би се кажало дека имал најголем изглед дека ќе успее во животот, токму тој Го предал Исуса. Религиозните водачи од Неговото време Го отфрлиле и Го распнале, додека царински службеници (даночни собирачи), блудниците и крадците станале Негови предани следбеници. „Искушувачот најчесто најуспешно работи преку оние за кои најмалку се сомневаме дека се под негова контрола. Многу луѓе со културен интелект и пријатни манири, кои не би се приклониле на она што вообичаено се смета за неморално дело, се само полиран инструмент во рацете на сатаната.“ – Големата борба, стр. 509, орг. А во книгата „Патот кон Христа“, стр. 58 орг, е запишано: „Желбата за влијание во друштвото и за почитување од страна на другите може некого да го наведе да живее уреден живот. Самопочитувањето може да нè наведе формално да се пазиме од злото. Себично срце може да направи благородни дела“.

Ако срцето е грешно, добро уредениот живот може да биде уште поголема измама. Што е поопасно: темно кафеаво шише под мијалникот, со насликани череп и вкрстени коски, и внатре отров; или лименка во фрижидер со ознака „ Seven-up“, со отров внатре?

Дали денес живеете во грев? Не е важно дали сте слаби и колебливи, или дали сте фарисеј на фарисеите, како Павле пред да Го сретне Исус на патот кон Дамаск. Патот до ослободување од гревот – без разлика дали тој грев се манифестира во „добро“ или „лошо“ однесување – е да се дојде кај Исус за спасение и да продолжиме да доаѓаме кај Него. Само Исус може да нè води од гревот во праведност.

– Извадок од книгата „95 тези праведност по вера“, од Морис Венден

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *