На распуст кај баба и дедо – Бесценето искуство!

Дедовата куќа…

Колку приказни, колку насмевки кријат овие неколку ѕидови, кога ние шест внучиња на дедо Димко и баба Слоботка ќе им појдевме на гости в село . За распустот, да си поседиме со нив . Убавина, рај за душата беше изгрејсонцето од зад карпата, и првите звуци на денот што се раѓа. Ајде дечиња,станувајте! -ќе не повикаше баба ми. Ајде, доручекот е готов, ви направив мекици. А ние, ти се чини сите до еден ќе рипневме од постелата.. Бабо, бабо, еве не !…Шест ѕвонливи гласчиња на безгрижно детство се јавуваа поспано. Јас ќе појдев и ќе донесев вода во дулињата од чешмичето кај Китановци. Еве бабо, донесов вода , кажи ми што треба да ти помогнам – ја прашував. Ништо Оли, после бабе, да јадеме, па ќе изметеш со метлата. Мали ситници, за кои сега јас би дала , се што имам…За повторно да ја видам , и да и се обесам околу вратот и да ја прегрнам.. Мојата баба.. Ситници, кои ми ја топлат душата. Ајде бабе, ако се најадовте, да појдеме до плевната, да ја нахраниме стоката, сигурно се гладни, не чекаат … Без да ни се каже два пати , ќе истрчавме како ветер. Детска смеа по патчето, и очи од кои бликаше радост…Си игравме со јарињата, додека дедо го правеше стогот сено пред плевната. Му помагав , го збирав сеното..А после …Ископавме мало бунарче, за да пијат јарињата вода, и потоа од браздата носеме со кофи вода , чиста како бисер … Која радост беше тоа. Се би дала за уште еден таков миг, за таква детска невина насмевка и бескрајна среќа… Ќе се приберевме навечер дома , а баба веќе направила печиво, ја разматила маштеницата и не чека… Ајде бабе, дојдовте , ајде да се прибереме дома ! – не чекаше на прагот. Измијте си ги рацете и да вечераме.. Да бабо ! – ја грневме сите. Шест пара детски рачиња . Не знаев што чувствува , но ги гледав нејзините очи, тие кажуваа се’.. Ќе седневме сите околу трпезата и ќе вечеравме. Печивото со сладост го вкусувавме, бабините изнемоштени раце повторно не нахранија…Јадете бабе, баба кога ве гледа е сита – често знаеше да каже. Не ја разбирав тогаш, но сега знам дека нејзиното срце било нахрането со љубов, додека не гледала нас… Ќе вечеравме , јас ќе ги измиев садовите , а баба ќе ја земеше урката за да преде. Ја гледавме како вешто го прави тоа, но таа знаеше убаво да ракажува, а ние сите до еден ќе седневме до неа и слушавме. За еден живот, кој многу се разликува од се она што го живееме денес. Живот во кој живее љубовта..Живот на безгрижно детство и смеа во дедовата куќичка. Малечка, но за мене е најубавата куќа, топол дом каде што го минав детството…И сеуште раскажува… Автор:Оливера Ширговска

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *