Најголемата тајна на животот!

Еден калиф имал сè за што човек може да сонува – власт, непроценливо богатство, верни поданици. Но уживајќи во сето тоа, Калифот одеднаш сфатил дека животот му е празен и бесцелен. Тој не видел каква е смислата на неговото постоење на овој свет.

Деновите му станале сиви и еднообразни. Советниците на  калифот се обиделе да му го свртат вниманието со државните работи, мудреците и патниците му раскажувале фантастични приказни за далечни земји и неверојатни чуда. Но, сето било залудно. Калифот стоел мрачен и летаргично гледал, отсутно и настрана на светот околу себе. Животот му бил толку здодевен и бесмислен … Очајно се обидувал да најде излез.

Еден ден некој патник му раскажал на калифот за стар мудрец, на кого му била откриена големата тајна на животот – тој знаел каква е смислата на животот.

Кога го чул тоа, за прв пат по многу години очите на калифот светнале, а срцето му биело забрзано. Тој веднаш се подготвил за пат и ги предупредил дворјаните дека заминува на долго патување и го земал со себе само стариот верен слуга кој бил со него уште од детството .

Тргнале Калифот и слугата на пат. За да стигнат до далечните земји, во кои живеел Мудрецот, требало да поминат низ пустината. А таа,  била познато дека сурово ги казнува оние кои се однесуваат со неа без почит.

Бидејќи немале водич, двајцата патници брзо се изгубиле, а за време на песочната бура ги изгубиле камилите и поголемиот дел од својот багаж. Единствено што им останало, бил кожен мев со малку вода.

Во пустината била страшна жештина и неопислива жед ги мачела двајцата патници. По едно време стариот слуга паднал  на земјата и од исцрпеност и жед ја изгубил свеста. Калифот исто се измачувал од жед и од жешкото сонце  бил на границата на силите. Погледнал кон кожниот мев, во кој била скапоцената вода. Му била потребна само една животворна голтка вода!

Но, во овој момент, гледајќи го својот слуга како лежи беспомошно на песокот, одеднаш се замислил. Овој човек, кој му служел верно толку години, кој безприговор го следел во ова патување, сега умира овде, во оваа далечна пустина, исполнувајќи го долгот пред својот господар. Зарем не заслужил благодарност во последните минути од животот … Калифот сфатил дека долги години овој човек бил за него како една корисна алатка и никогаш не добил благодарност и добри зборови.

Тогаш ја зел последната вода што останала и ја излеал во устата на старецот. За кратко време слугата заспал. На неговото лице се појавило спокојство и мир. А Калифот почувствувал неверојатно чувство на радост и вистинска среќа, што никогаш досега не ја почувствувал.

И во овој момент се случило чудо. Заврнал дожд! А во оваа пустина дожд паѓал еднаш на неколку години.

Слугата се разбудил и загрижено се свртел кон својот господар:
– Господару, простете ми за мојата слабост. Сега веќе се чувствувам подобро и можеме да продолжиме.
– Не – рекол Калифот, – веќе не ми треба состанок со оној мудрец. Не ми требаат неговите откровенија.

Господ веќе ми ја откри најголемата тајна на животот – отвори го своето срце за својот ближен и сакај го  како себеси.

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *