Детството на Антоан де Сен Егзипери било тешко – тој останал без татко му кога имал четири години, на 17 години го изгубил својот помлад и единствен брат Франсоа, и имал уште три други сестри, од кои едната загинала пред Втората светска војна. Во едно од најтешките времиња на животот, кога бил скршен од загуби, болести и војна, тој напишал молитва како плод на тешките времиња.
“Господе, јас не се молам за чуда или провиденија, туку за секојдневна сила. Научи ме на уметноста на малите чекори.
Направи ме внимателен и снаодлив, за во разноликоста на секојдневниот живот да се задржам на откритијата и искуствата кои ми ги даваш.
Научи ме правилно да располагам со времето на својот живот. Подари ми фин дар да го разликувам примарното од секундарното.
Јас молам за сила на истрајност и мера, за низ животот да не се сопнувам, туку разумно да го планирам текот на денот. Да можам да видам врвови и пространства и понекогаш да најдам време да уживам во уметноста.
Помогни ми да сфатам дека илузиите не се од помош. Ни сеќавањата од минатото, ни соништата за иднината. Помогни ми да бидам овде и сега, и да го прифатам овој момент како најважен.
Спаси ме од наивното уверување дека се во мојот живот треба да биде глатко.
Подари ми јасно спознавање дека тешкотиите, поразите, падовите и неуспесите се природен, составен дел од животот, благодарение на кои растеме и созреваме.
Потсети ме дека срцето често се буни со причина.
Прати ми во вистински момент некој кој има храброст да ми ја каже вистината…но да ми ја каже со љубов!
Знам дека многу проблеми се решаваат дури и без да направиме нешто, затоа научи ме на трпение.
Ти знаеш колку е силна мојата потреба за пријателство. Дај ми да бидам достоен за твојот најубав и најнежен дар.
Дај ми богата машта, да би во потребно време, во потребен момент, на вистинско место, во тишина или зборувајќи, да ја подарам некому неопходната топлина.
Направи од мене човек кој знае да допре до оние кои навистина се на дното.
Спаси ме од стравот дека нешто ќе пропуштам во животот. Не ми го давај тоа што јас го сакам, туку она што навистина ми е потребно.
Научи ме на уметноста на малите чекори.”