АКО САКАШ ДОБРО, МИСЛИ ДОБРО!

Живееле во една куќа, сосема блиску до мочуриштето, тројца браќа заедно со својот стар татко. А  секој знае дека да се живее до мочуриште е лошо! Од него само штета и никаква корист.

Дошло време таткото да умре. Тој ги викнал своите синови и им рекол: – Слушајте, чеда мои. Треба да се тргнете од тоа место. Само беди и болести ни носи мочуриштето. Изградете куќа некаде на планината и тогаш ќе живеете како луѓето, но пред да почнете со работа, консултирајте се со мудриот старец, кој живее во шумата.

Времето преминало и браќата виделе дека нивниот татко бил во право. Требало да се отстранат од мочуриштето. Се договориле и одлучиле најголемиот брат да отиде во шумата кај мудриот старец за совет:

– Што да правиме? Лошо ли ќе направиме ако заминеме од мочуриштето и си изградиме куќа на планината?

– Лошо – одговорил старецот без да ја остави работата, со која бил зафатен.

Најголемиот брат престанал да го слуша повеќе и си тргнал со наведната глава.

Како се вратил дома, им го кажал на своите браќа одговорот на старецот.

– Но ти дали му раскажа за нашите несреќи? – рекол средниот брат. – Ќе  земам јас да одам кај старецот и да му објаснам како живееме … – и тој отишол во шумата.

– Кажи, мудрецу  што да правиме? Немаме сили да живееме повеќе до мочуриштето. Бедите и болестите ни измъчија – и со загриженост прашал: – Како мислиш, вреди ли да се тргнеме од таму? Лошо ли ќе биде да си изградиме куќа на планината?

– Лошо ќе биде – одговорил повторно старецот.

Се вратил и средниот брат во куќата тажен. Го ислушале браќата негови.

– Па, што пак – весело рекол најмалиот брат, – сега, се чини, е мој ред да одам кај старецот.

И тргнал во шумата.

Кога стигнал кај старецот му рекол:
– О, мудар човеку! На умирање нашиот татко ни заповеда да се тргнеме од мочуриштето, каде ни мачат болести и неволји. Нели ќе биде подобро ако си изградиме куќа на планината? Што бини советувал?

– Ќе биде многу подобро, сине мој! – одговорил старецот.

На најмалиот брат небаре му пораснале крилја од радост, тој се заблагодарил на старецот и тргнал кон дома, каде со нетрпение го очекувале браќата.

– Браќа! – извикал најмладиот. -Мудриот старец рече дека ќе биде многу подобро ако си изградиме куќа на планината.

А браќата останале зачудени:

– Како така? – истовремено го прашале тие. – Тој да не ни се потсмева?

Тргнале и тројцата кон шумата.

– О, мудар човеку! – рекол најголемиот брат. – Ти  шега ли си правиш со нас? Зошто на мене и на средниот брат ни рече дека е лошо да градиме куќа на планината, а на најмалиот брат му рече дека е подобро?

– Не ни мислам да ви се потсмевам- одговорил старецот. – Вие ме прашавте: “Лошо ли ќе биде ако си изградиме куќа на планината?” А најмалиот ваш брат рече вака: “Нели ќе биде подобро ако си изградиме куќа на планината?” И јас му одговорив затоа што тој започна со доброто, а вие со лошото. А зарем може да ти тргне работата, ако ја почнеш со страв, мислејќи за лошото? Треба да се мисли на доброто! – додал старецот.

Му се заблагодариле браќата и тргнале тројцата заедно да ја градат куќата.

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *