Да бидеш убав-значи да зрачиш одвнатре!

Можеш да изнаставаш на себе скапа брендирана облека… Можеш претерано да ги истакнеш своите облини и атрибути кои Творецот така несебично ти ги дал… можеш да им го потрошиш последниот денар на твоите родители на шминки и други џиџи-миџи, ама тоа нема да те направи убава, кукле. Убавината на луѓето доаѓа од едно друго место, кое не се дотерува и шминка, но знае опасно да ги привлече вистинските личности околу тебе. Тоа место кукле е твојата душа. Твоето внатрешно светло кое кога ќе светне во полн сјај, ќе ги сврти погледите на сите. А твоето внатрешно светло мора да се полни со убави нешта за така силно да свети. Мора да се полни со знаења. Со многу знаења стекнати не само од книги, туку од мудри луѓе полни со вистинско животно искуство. Мора да се полни со добри дела кукле. Со добри дела што треба несебично да ги правиш на оние кои се околу тебе. Твоето внатрешно светло бара добро гориво. На пример она гориво кое може да ти го даде погледот на некоја бабичка на која си и помогнала со тешките торби од пазар. Или благодарните очи на некој човек што ете, животот не му бил толку наклонет, и му недостасувале десетина денари на каса за да си го купи доручекот, а ти си му ги дала без збор. Или очите на мајка ти која уморна се вратила од работа и видела дека станот си го светнала како војска чистачки да поминале низ него… Силни горива се тие, кукле. Од нив ќе светиш како светилник и ќе те видат преку мориња дури. И ќе се загледаат во тебе луѓето со восхит… и верувај, нема да им биде важно тогаш што имаш на себе. И каков бренд ти се парталчињата. Дека тоа светло со кое ти однатре зрачиш е многу поскапоцено од се што може да се купи со пари.

Автор:Драган Таневски

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *